Тројца мировници на ОН беа киднапирани во средата утрото во реонот на Голанската висорамнина од непозната вооружена група и неколку часа подоцна беа ослободени, изјави синоќа заменик-генералниот секретар на ОН за мировни операции Ерве Ладсу.
Група вооружени мажи упаднаа во набљудувачки пункт на ОН во зоната меѓу Израел и Сирија на Голанската висорамнина и одведоа присилно тројца невооружени набљудувачи, изјави тој.
Тоа е трет случај на киднапирани сини шлемови во реонот на Голанската висорамнина за два месеци.
Во почетокот на март, сириската бунтовничка „Бригада на мачениците од Јармук“ зароби 21 војник од Силите на ОН за набљудување на реонот, кои го следат прекинот на огнот по линијата на примирјето меѓу Израел и Сирија. Неколку дена подоцна тие беа ослободени на територијата на Јордан.