Покрај редовните извештаи за реформскиот напредок на земјите од регионот, Европската Комисија денеска ќе го обелодени и долгоочекуваниот Економски и инвестициски план (ЕИП) за Западниот Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.
МИА имаше увид во овој План кој треба попладнево да биде официјално усвоен од страна на Колеџот на еврокомесари.
Планот, кој се најавува веќе неколку месеци, има за цел да му помогне на Западниот Балкан да се приближи економски до стандардите на Европската Унија, и е дотолку повеќе потребен, вели Еврокомисијата, откако кризата со Ковид-19 дополнително ги ослаби економиите во регионот.
Со овој План, Европската комисија сака да поддржи долгорочно економско закрепнување втемелено врз два главни столба – дигиталната и зелената транзиција и да ја поттикне регионалната соработка и трговија.
За овој проект, Комисијата смета дека треба да се издвојат девет милијарди евра од финансиите на претпристапниот инструмент (ИПА III) за периодот 2021-2027, кои преку инвестиции и поддршка за поврзување, дигитален и еколошки развој треба во следните шест години значително да ја подобри економската слика на западниот Балкан.
Новата ИПА, како дел од Буџетот на ЕУ, сѐ уште не е усвоена во Унијата, но начелно предвидува 14 милијарди евра за Западниот Балкан и Турција, со тоа што поголемиот дел од средствата се одвоени за западниот Балкан само. ЕИП треба во најголем дел да биде посветен на продуктивни инвестиции и инфраструктура и ќе се фокусира на десет основни проекти.
Покрај ова, Комисијата предлага, преку Гаранцискиот фонд за Западен Балкан, да се мобилизираат до 20 милијарди евра инвестиции во наредните десет години за да зајакне инфраструктурната поврзаност посебно во делот на транспортот и енергијата, зелената и дигиталната транзиција, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, и развој на социјалниот сектор.
Подоброто поврзување на земјите од регионот и продлабочувањето на регионалната соработка треба да се постигне преку зајакнување на зелената транзиција. Слично како Зелениот Пакт за ЕУ, регионот треба да се угледа на европските амбиции за постигнување климатска неутралност до 2050, смета ЕК.
Комисијата предупредува дека климатските промени, уништувањето на биодиверзитетот, загадувањето, и претераната употреба на ресурси претставуваат економска закана за ЕУ како и за западниот Балкан.
Ќе се објави и Зелена Агенда за Западниот Балкан, која ќе го поддржи Економскиот и инвестициски план што се објавува денеска, и која ќе даде јасни реформски насоки за земјите од регионот за усогласување на нивното законодавство во делот на заштитата на животната средина со она на Европската Унија.
Паралелно, Еврокомисијата сака да се поттикне дигиталната транзиција во регионот како клучна алатка на економското закрепнување. Дигиталната адаптација е исто така од критична важност за зачленување во ЕУ и постигнување на економските стандарди на Унијата.