Ашот Пашинјан, синот на ерменскиот премиер Никола Пашинјан, доброволно се пријави во армијата, за да оди на фронтот и да учествува во судирите против азербејџанските сили околу Нагорно Карабах.
„Доброволно ѝ се приклучив на армијата“, објави на социјалните мрежи Ашот Пашинијан, кој летово, пред да почнат последните непријателства, бил преместен од спорната област, каде дотогаш служеше, а потоа и демобилизиран во редовна армиска смена на кадарот.
Ерменија деновиве повторно го мобилизира резервниот состав на војската, а во рамките на вонредните мерки и воената состојба, забранет е излез од државата за сите мажи од 18 до 55 години.
„Мои браќа по оружје, мои пријатели, сега е нашиот ред да ѝ се оддолжиме на нашата земја“, рече синот на премиерот на Ерменија.
Неговата најава уследи откако премиерот Никол Пашинјан денеска ги повика војниците кои беа демобилизирани оваа година да се вратат во армијата поради ескалацијата на ситуацијата во Нагорно Карабах, област во Азербејџан со ерменско мнозинство население. Во судирите досега загинаа стотици војници на двете страни.