Генералното собрание на Обединетите нации усвои денеска резолуција за Сирија, со која го осуди режимот на претседателот Башар ал Асад и ја призна опозицијата како страна, која има важна улога во политичката тртанзиција.
Резолуцијата, изготвена од Саудиска Арабија и Катар, со поддршка на Западот ја поддржаа 107 земји-членки. Дванаесет, меѓукои и Русија гласаа „против“, а 59 беа воздржани.
Резултатот од гласањето за овогодишната резолуција е различен од минатогодишното гласање, кога резолуцијата за Сирија беше усвоена со 133 гласови „за“.
Според дипломатите на ОН падот на поддршката за денешната резолуција го покажува растот на загриженоста поради неединството на бунтовничките групи во Сирија, кои се борат против силите на Асад во двегодишната граѓанска војна.
Во документот се бара од двете страни во конфликтот, во кој досега загинаа 80 илјади лица, итно да го прекинат насилството, а во земјата да бидат воведени демократски политички реформи.
Сириската Влада е повикана да го олесни политичкиот дијалог и да почне премин кон демократско општество.
Генералното собрание на ОН го „поздравува создавањето на национална коалиција“ на опозицијата и ја оцени како ефикасна и неопходна страна за политичката транзиција“.
За разлика од резолуциите на Советот за безбедност на ОН, одлуките на Генералното собрание немаат задолжителен карактер.