Седницата на чиј дневен ред беа одлуките за вонредна состојба прекината, продолжението дополнително ќе биде закажано

Од:

Собранието денеска ја почна седницата на чиј дневен ред беа ставени петте одлуки за прогласување вонредна состојба поради пандемијата предизвикана од Ковид-19, но расправата по нив не почна бидејќи седницата беше прекината по усвојувањето на две одлуки за формирање и изменување на состав на собраниски работни тела.

По усвојувањето на дневниот ред, пратениците ги усвоија Предлог одлуката за изменување на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на Комисиите на Собраниетона Република Северна Македонија, како и Предлог одлуката за основање делегации, пратенички групи, и други облици на остварување меѓународна соработка на Собранието на Република Северна Македонија Поднесена од претседателот на Парламентот Талат Џафери.

По ова, Џафери ја прекина седницата и рече дека пратениците дополнително ќе бидат информирани за продолжението. За попладне најави одржување седница на чиј дневен ред е и изборот за потпретседатели на Собранието.

Во меѓувреме, најави Џафери, ќе се одржи и состанок на координаторите на пратеничките групи и претседателите на собраниските комисии, што било договорено на вчерашната собраниска координација.

Пред почетокот на оваа седница, од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе гласаат против потврдувањето на петте одлуки за вонредна состојба што го донесе претседателот на државата Стево Пендаровски поради пандемијата предизвикана од КОВИД-19, поради тоа што, како што рекоа, тие не биле искористени за целта за која биле донесени, туку биле злоупотребени од Владата.

Петте одлуки за вонредна состојба беа донесени на 18 март, 16 април, 16 мај, 30 мај и 15 јуни.

Одлуките ги донесе претседателот на државата Стево Пендаровски, бидејќи во тој период Собранието беше распуштено заради одржување на предвремените парламентарни избори што првично беа закажани за 12 април, а потоа поради пандемијата беа презакажани и се одржаа на 15 јули.

За овие одлуки потребно е да гласаат 80 пратеници. Станува збор за две одлуки за вонредна состојба во траење од по 30 дена, две од по 14 и една одлука за вонредна состојба во траење од 8 дена.

Би можело да ве интересира

На седница на Собранието измените на Кривичниот законик

Левица: Пратениците повторно испумпаа 14,4 милиони за патни трошоци, ние нема да учествуваме во овој грабеж

Горан Наумовски

Собранието со 73 гласа „за“ го донесе Законот за Судски совет

Горан Наумовски

Мицкоски: Во фаза на потврда сме на три многу важни странски инвестиции – германска, грчка и турска во вредност од околу 120 милиони евра и 1.500 нови вработувања

Зекирја Таири од Коалицијата Влен, пратеник во Собранието на местото на Беким Сали

СДСМ: Усвоена Резолуција против демократијата