Фикрет и Невзат Јашароски, татко и син и нивниот пријател Сотки Раповски се во шок и со физички повреди, откако во вторникот ноќта биле претепани од полицајци во центарот на Битола. Според кажувањето на Фикрет, критичната вечер се враќале од кафеана, биле пијани, удриле во бетонска бандера и направиле сообраќајна несреќа. Одеднаш на местото на несреќата пристигнал полициски автомобил и од него излегла група полицијаци, кои почнале да ги тепаат, според нив, без никаква причина. Најавија дека правдата ќе ја бараат пред суд при што ќе достават медицински извештаи за повредите што ги добиле од ќотекот на полицијата.
„Бевме петмина во автомобилот, да признаам се враќавме од кафеана каде што пиевме алкохол. Сè уште не бевме освестени од ударот, кога се појави група полицајци, кои очекувавме да ни помогнат, затоа што бевме во шок од сообраќајката. Наместо помош, добивме ќотек. Без никаква вина, без збор да кажеме, почнаа да нè удираат со клоци и со тупаници. Сè уште ми се врти во главата и плукам крв. Татко ми од ударите доби повреда на вратот и по прегледот му ставија лонгета. Во таа мешаницата, настрада и нашиот пријател Сотки, кој се обиде да помогне, но и него го турнаа на земја и заврши со скршена рака“, објаснува Фикрет Јашаровски.
Велат дека нивната мака не завршила тука, продолжила уште пет часа во полициската станица во Битола при што полицајците и таму ги тепале, омаловажувале и навредувале на етничка основа.
„Во полицијата никој не нè погледна, никој не праша дали ни треба лекар. Вода побарав, не добив. На прашањето зошто нè тепаат, која е нашата вина, наместо одговор добивме навреди, пцости и изживување како да сме стока. Едниот од полицајците ме турна и почна да пцуе со зборовите: Да ти е…м мајката ѓупска, да ти е…м, сега ти ќе видиш. Од ударот ми пукна устата и не можам ни леб да јадам. Уште сум во шок“, вели Невзат, таткото на Фикрет.
Граѓанската иницијатива „Аваја“, која го сподели видеото на Фејсбук на кое се гледа како полицајците ги тепаат Ромите на улица, најави дека ќе им помогне со обезбедување медицинска документација и правна помош. Од таму најавија и протести доколку полицајците кои ги тепаа Ромите од Битола не добијат дисциплински мерки.