Новиот чешки министер за здравство Роман Примула денеска изјави дека поостри ограничувања за локали и јавни настани се неизбежни, еден ден откако неговиот претходник поднесе оставка поради зголемувањето на бројот на новозаразени со Ковид-19.
Чешка вчера регистрира 1.476 нови случаи на коронавирус, според податоците на Министерството за здравство, со што вкупниот број на потврдени случаи од почетокот на пандемијата се искачи на 50.764.
Примула изјави дека во наредните денови затворањето на локалите ќе биде поместено од полноќ на 22 часот и оти ќе биде ограничен бројот на учесници на повеќето јавни настани.
– Масовните настани несомнено ќе мора да бидат ограничени, истакна тој.
Чешка делуваше брзо на почетокот на пандемијата во март, затворајќи ги повеќето малопродажни бизниси, границите и училишта пред многу други европски земји.
Бројот на починати во земјата денеска е 522, што е малку во однос на десетиците илјади жртви во земји како Шпанија, Англија и Франција.
Чешката Влада ги укина повеќето ограничувања во текот на летото и оттогаш стапката на зараза се зголеми и е втора по Шпанија во Европа, кога се набљудуваат нови случаи во однос на населението во текот на две последователни недели.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш, давајќи изјава заедно со Примула, призна дека јавните здравствени служби се поплавени и оти во рок од 48 часа дека не можат да ги најдат контактите на сите заразени во Прага и во централна Чешка.
Тој рече дека владата ќе се фокусира на обезбедување доволно болнички капацитет подоцна во текот на годината. Бабиш беше мета на критики поради начинот на кој одговори на пандемијата. Вчера тој го избра Примула, водечки епидемиолог, да го замени дотогашниот министер за здравство.
Довчерашниот министер за здравство Адам Војтех поднесе оставка поради критиките за справување со здравствената криза по зголемувањето на случаите на коронавирус во земјата.
Бабиш му се заблагодари на Војтех за неговата работа. Бабиш на Твитер објави дека Војтех можеше да биде запаметен како најдобриот чешки министер за здравство доколку не мораше да ја потроши целата своја енергија борејќи се со коронавирусот.