Попладнево околу 16 часот на детското одделение при струмичката болница починало деветмесечно бебе од селото Банско, а со правовремена интервенција на полицијата е спречен инцидент, откако еден од роднините на детето бурно реагирал обвинувајќи ги лекарите за смртта на детето, изјави за МИА директорот на болницата, д-р Наќе Гогов.
-Детето во болницата било донесено во многу тешка состојба и покрај обидите за реанимација од страна на лекарите тоа починало. Обезбедувањето на болницата навреме ја повикало полицијата и е спречен поголем инцидент. Јас ја разбирам тагата на блиските, но никој нема право да реагира како што не треба, рече д-р Гогов.
Инаку, денес претпладне се случи друг инцидент на инфективното одделение во болницата, кога група од дваесетина граѓани украдоа мртовец. Пациентот, откако бил примен во тешка состојба, по дваесет минути починал, а дваесетина граѓани од Турското маало во Струмица насилно го извлекле починатиот со кревет надвор во дворот на болницата, го дигнале од креветот и го префриле преку оградата, го ставиле во комбе и се упатиле во непознат правец.
Бидејќи телото на починатиот било насилно изнесено од болницата, докторите не успеале да земат брис за испитување, за да се утврди дали бил заразен со коронавирус. Претходно, пациентот се лекувал кај матичниот лекар.