Некои од најголемите банки во светот им дозволиле на криминалци да префрлаат валкани пари во износ од околу два билиони долари, покажуваат документи што протекоа во јавноста, а ги објави Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство (ИЦИЈ).
Според Би-Би-Си, документите покажуваат како руските олигарси ги користеле банките за да избегнат санкции, кои требало да ги спречат да префрлаат пари на Запад.
Ова е последното во низата протекувања во изминатите пет години, кои обелоденија тајни зделки, перење пари и финансиски криминал.
Таканаречените „датотеки ФинЦен (FinCEN)“ содржат повеќе од 2.500 документи за трансакции што банките ги испратиле до американските власти во периодот од 2000 до 2017 година. Во документите, наводно, се најстрого чуваните тајни што ги користеле банките за да пријават сомнително однесување, но не биле доказ за сторено кривично дело.
ФинЦен е кратенка за мрежата за истражување на финансиски криминал во САД, која се состои од истражувачи вработени во централната банка (Министерство за финансии на САД). Им се испраќаат сите сомнежи во врска со трансакциите во долари, дури и ако тие биле надвор од територијата на САД.
Документит покажуваат дека најголемата британска банка ХСБЦ им дозволила на измамници да префрлат повеќе милиони долари украдени пари низ целиот свет, дури и откако од американските истражители дознала дека станува збор за измама.
Американскиот „Џеј Пи Морган“ и овозможил на една компанија да префрли преку милијарда долари преку сметка во Лондон, без да знае кој е сопственик. Банката подоцна откри дека е можно компанијата да е во сопственост на мафијаш од списокот на ФБИ на десетте најбарани мафијаши.
Во документите што протекоа се тврди и дека постојат докази оти еден од најблиските соработници на рускиот претседател Владимир Путин ја користел банката „Баркли“ во Лондон за да избегне санкции што требало да го спречат да користи финансиски услуги на Запад. Како што се наведува, дел од парите биле искористени за набавка на уметнички дела.
Централната банка на Обединетите Арапски Емирати, наводно, не сторила ништо откако била предупредена дека една компани во земјата му помага на Иран да избегне санкции.
Германската Дојче банка наводно префрлала „валкани“ пари од кругови на организиран криминал, тероризам и трговија со дрога.
Британскиот „Стандард чартерд“, наводно, префрлала средства на Арапската банка во Јордан повеќе од една деценија откако знаела дека клиентите на банката на тој начин финансираат тероризам
Според одделот за разузнавање на ФинЦЕН, Велика Британија се нарекува „јурисдикција со поголем ризик“ како Кипар. Ова се должи на бројот на регистрирани компании во Обединетото Кралство кои се појавуваат во извештаи за сомнителна активност (САР). Во датотеките на ФинЦен именувани се повеќе од 3.000 компании од Велика Британија, повеќе отколку од која било друга земја.
Документите протекоа во „Базфид њуз“ и беа споделени со група истражувачки новинари од целиот свет, кои ги доставија до 108 новински организации во 88 земји.