Од грозјето „вранец“ кое нема да го откупат винариите, а е со полош квалитет поради лоши временски услови, ќе се прави алкохолен дестилат. Но, и сопствениците на тоа грозје ќе ги добијат предвидените субвенции од државата од два плус два денара. Дополнителната мерка, пак, поврзана со алкохолниот дестилат, ќе ја чини државата речиси два милиони евра.
Ова беше соопштено по денешната работна посета на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арианит Хоџа во Кавадарци. Тој рече дека имал навистина добар состанок со Здружението на лозарите и претставници на дел од винарските визби.
-Ние синоќа до касно заедно со премиерот и економскиот стим во Владата ги разгледувавме сите можни опции како да се излезе во пресрет на оваа новонастаната ситуација со грозјето. Ние мора да изнајдеме решение во делот на тоа како да им се излезе во пресрет на лозарите, но секако имајќи го во предвид и интересот на винарските визби. Тука се мерките предложени досега, што значи тие четири денари субвенции за да се достигне ланската цена на грозјето и поддршката кон извозот на флаширано и наливно вино, која беше како супституција во транспортот. Исто така, и извозот на винско грозје до одредени количини што предвидуваше до 12 милиони килограми два денари, од 12 до 25 милиони килограми три денари и над 25 милиони килограми – четири денари, рече министерот.
Тој информираше дека денеска била претставена и новата мерка.
– Поради квалитетот на грозјето што има под 18 малигани, ние додатно како Влада ќе помогнеме со дополнителни четири денари за тоа грозје чија намена нема да биде за вино, туку ќе биде друга намена како на пример дестилат или концентрат за сокови. Мислам дека веќе имаме решение, ќе се излезе во пресрет. Поголемиот дел од винарските визби кажаа дека можат да ги прифатат количините, соопшти министерот Хоџа.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека околностите на годината што ги имаме и Ковид-19 ситуацијата, но и лошите атмосферски услови со големите дождови во втората половина на август, имаа лошо влијание, особено за сортата „вранец“, со слаби малигани или шеќерност на одредени места.
-Онаа мерка што ја предложи Владата, два плус два денари додадени на откупната цена, е одлична мерка. Но дојдовме до официјални информации преку Инспекторатот и Министерството дека има доста количини од „вранец“, за кои нема договори со винарски визби. Во разговор со винарските визби увидовме дека тој „вранец“ е со полош квалитет, не само во малиганите, туку и кога станува збор за болести, кои произлегуваат од атмосферските влијанија, рече Јанчев.
Министерот, нагласи, е два дена тука и по средбите со него и со заменик министерот Трајан Димковски, успеавме да изнајдeме решение, целокупната количина на „вранец“ која нема да биде откупена за вино, да се претвори во алкохолен дестилат во постоечки винарски визби.
-Денеска успеавме со винарските визби да направиме заеднички состанок кој помина во добра атмосфера и со лозарите и со Министерството. Од утре Владата и Министерството треба да направат протоколи за таа работа, за да може од вторник да се отпочне со посебни пунктови за откупување на „вранец“ за посебна намена – алкохолен дестилат или концентрат за понатамошни намени, појасни Јанчев.
Само, беше дециден Јанчев, да не му биде намената за вино на тој „вранец“.
-Затоа што ако се претвори во вино, ќе има неквалитетно вино и затворање на пазарот на виното и би имале проблеми наредната година. Таа дополнителна мерка од речиси скоро два милиона евра која Владата ќе ја пружи директно за лозарите преку винарските визби, од големо значење е и мислам дека нема да остане грозје на нивите, вишокот ќе се откупи и ќе се преработи во алкохолен дестилат. Тоа е единствен начин каде што може ова грозје да се претвори во трајна суровина и да си најде понатамошна примена, а лозарите на некој начин да бидат задоволни со откупот на тоа грозје за алкохолен дестилат, за кое исто така си важи мерката два плус два денара субвенција по килограм грозје, рече Јанчев.