Во организација на Општина Велес, од 9 до 22 октомври ќе се одржи втората Скулпторска колонија „Велес 2020“, со која ќе координира професорот Илко Стојановски, кој ќе го направи и изборот на учесниците. Како што информира градоначалникот Аце Коцевски на колонијата, како и лани, учесниците ќе работат со рециклиран материјал со отпадно железо, метал дрво и мермер.
Тој појасни дека поради актуелната состојба со пандемијата со Ковид-19, учесниците ќе творат во своите ателјеа, а од страна на општината ќе им бидат обезбедени работните материјали, превозот на делата и се што им е потребно.
Коцевски најави дека создадените дела планираат да бидат изложени по повод празникот на градот 9 – ти Ноември.
Инаку, делата-скулптури во железо и мермер од првата Скулпторска колонија „Велес 2019“, Општина Велес трајно ги постави на неколку јавни површини во градот и тоа во Младинскиот парк и паркот во кругот на Офицерски дом, а наспроти велешкиот театар.
Целта беше во нивната убавина да уживаат сите граѓани и посетители и туристи на Велес и тие да прераснат во своевидна атракција на градот.