Шефот на делегацијата на ЕУ во Белград, Венсан Дежер денес изјави дека ЕУ не бара од Србија да признае незавиност на Косово, ниту пак нови услови за прием во членството, но очекува нормализација на односите со Приштина и продолжение на спроведување на реформите.
-Повеќе пати повторив и ќе кажам пак дека не бараме од Србија да признае независност на Косово. ЕУ статусно за тоа прашање е неутрална, пет од 27 членки не признаваат независност, како тоа да и го наметнеме на Србија кога и нашите членки не се согласуваат-истакна амбасадорот на ЕУ.
Дежер нагласи дека и Србија и Косово имаат иднина во ЕУ, но дека спорот за статусот на Косово не смее да стане пречка на патот кон евроинтеграциите.
-Бараме преку дијалог да се најде решение и да се решат речиси сите прашања, како слободата на движење, безбедноста и слично-истака тој.
На прашањето како тој, доколку е роден во Србија, ќе се чувствува доколку некој „без причина му одземе дел од територијата“, Дежер одговори дека е свесен дека тоа е чувствително прашање, но дека треба да има во предвид дека на Косово не живеат само Срби, туку и Албанци.
Според него потребно да се најде решение кое на сите граѓани во Косово ќе им овозможи да живееат заедно.
Елена Георгиевска