Вработување.ком најпосетениот сајт за огласи за работа во Македонија му пркоси на трендот откажани и одложени настани и го најавува најголемиот регионален онлајн саем за вработување од 7. до 14. октомври на ЛИНКОТ.
На саемот ќе се претстават компании од Македонија и од целиот регион каде заинтересираните кандидати ќе можат да аплицираат за вработување. Посетителите ќе можат во реално време да разговараат со претставници од компаниите изложувачи, да се информираат за условите кои ги нудат и да пронајдат работа.
Партнерите соработници од регионот: MojPosao од Хрватска, MojPosao од Босна и Херцеговина, Deloglasnik од Словенија и Poslovi Infostud од Србија располагаат со компании кои ги очекуваат и апликантите од Македонија, а македонските компании веќе на големо ги резервираат своите штандови преку Вработување.ком
„Во време кое не научи на онлајн комуникација и виртуелна и социјална дистанца, ваквиот начин на барање работа е повеќе од добредојден. Ова е единствена можност за компаниите да ги претстават своите отворени работни места на интерактивен начин, да ги покажат своите квалитети и потенцијал и да се презентираат како успешни и посакувани работодавачи – а во исто време да направат директни онлајн интервјуа со потенцијалните кандидати“, вели менаџерот на Вработување ком Дарко Велков.
Саемот ќе трае 8 дена 24 часа дневно и може да го посетат сите луѓе од било која земја и било која точка на планетава каде има интернет.
„Вработување.ком ги повикува заинтересираните компании и кандидати да земат учество во овој единствен и најголем онлајн настан за Човечки ресурси во Македонија затоа што ова е шанса на едно место да се видат сите големи и сериозни компании од регионот кои нудат слободни работни места и кои се подготвени да инвестираат во вработените со цел побрзо и поефикасно надминување на кризата и постепено враќање на пазарот на работна сила во нормала“, додава Велков.
Минатата година овој саем оствари над 300.000 посети и 27.000 апликации, а своите можности за вработување ги претставија над 80 компании.