Тројца американски демократски сенатори побараа повлекување на сите опасни производи од продажната платформа на Амазон, откако Си-Ен-Ен ги објави резултатите од истрагата, која покажа дека десетици електронски производи на Амазон остануваат во продажба, и покрај поплаките на клиентите дека се стопиле, експлодирале или запалиле.
Во писмо до сопственикот на Амазон, Џеф Безос, сенаторите Ричард Блументал од Конектикат, Роберт Мендез од Њу Џерси и Ед Марки од Масачусетс напишаа дека извештајот на Си-Ен-Ен покажува дека продавачот ги игнорира сериозните грижи на клиентите за одредени електронски уреди.
„Амазон мора веднаш да ја прекине продажбата на опасни и неисправни основни производи на Амазон, да ги повлече и веднаш да ги информира клиентите за потенцијалните ризици“, напишаа демократските сенатори во писмото.
Амазон не одговори директно на загриженоста на сенаторите, но од оваа компанија рекоа дека „безбедноста е на прво место“ и дека нивните производи ги исполнуваат сите безбедносни стандарди, јави Си-Ен-Ен.