Патнички брод од грчка бродска компанија денеска ќе пристигне на Лезбос за да прими дел од ранливите категории бегалци и мигранти, кои по пожарот во Мориа останаа без покрив над глава, а во текот на утрешниот ден ќе пристигнат и два брода од грчката воена морнарица, соопшти министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис.
Од засега непознати причини, во бегалскиот камп Мориа вечерва изби нов пожар, во два различни делови кои не претрпеа штети во синоќешниот пожар.
Бегалците и мигранти, чии шатори вчера не беа зафатени од пожарот и останаа во делот околу изгорениот прифатен центар, сега го напуштаат просторот за да се спасат од огнените јазици.
Меѓу оние кои заминуваат од Мориа се и голем број семејства со мали деца.
Во најавените бродови ќе бидат згрижени околу 1.000 лица, додека пак за останатите околу 2.500 бегалци и мигранти кои беа во прифатниот центар Мориа, обезбедени се шатори од други делови на Грција.
Министерот за миграција и азил на Грција, заедно со министерот за внатрешни работи Такис Теодорикакос и претседателот на Националната организација за јавно здравје Панајотис Аркуманеас денеска го посетија кампот Мориа, а на прес конференцијата од Лезбос информираа за моменталната ситуација.
Митаракис рече дека се пронајдени осум од 35-те лица заразени со коронавирусот, од кои веројатно и започна пожарот, откако реагирале на одлуката да бидат ставени во карантин.
Објасни дека во пожарот целосно се уништени административни простории, делот на службата за азил, просторот за интензивна нега и еден дел од делот за бегалците и мигрантите.
Митаракис го повтори и она што претходно, на прес конференцијата во Атина го соопшти алтернативниот министер за миграција и азил Јоргос Кумуцакос, дека 400 деца бегалци без придружба од Лезбос ќе бидат префрлени во континентална Грција.