На Меѓународната вселенска станица е откриено истекување на амонијак, проблемот е сериозен, но нема опасност за животот на шестмината членови на екипажот, соопшти НАСА.
Екипажот на 35-та екпедиција соопшти дека набљудува мали бели дамки амонијак, во секторот Р6 на МВС. Екипажот користел камери, а Центарот за управување на летовите надворешни телекамери со цел да се утврди точното место на истекување.
Истекувањето подоцна стигнало до системот за ладење на сончевите батерии, кои се користат за обезбедување на станицата со електрична енергија. НАСА прецизираше дека секој панел сончеви батерии има независен систем на ладење, што значи дека дури и при дефект на еден од нив останатите продолжуваат да работат.
Командантот на МВС Крис Хадфилд од Канада изјави дека ситуацијата е сериозна, но не претставува закана за животите на членовите на екипажот.
Портпаролот на НАСА Боб Џејкобс изјави дека инженери работат на отстранување на дефектот. Повеќе детали за случајот ќе бидат објавени во текот на денот.