Белоруското Министерство за одбрана денеска стави во состојба на готовност три воени бази и резервисти.
За време на следната фаза од проверката на борбената готовност, 1868-та артилериска база, 969-та резервна тенковска база и 3620-та артилериска база се ставаат во највисока борбена готовност, соопшти белоруското Министерство за одбрана.
Министерството претходно соопшти дека голем број воени единици биле ставени во состојба на готовност за време на третата фаза од сеопфатната армиска проверка што започна на 24 август.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, му нареди на Министерството за одбрана внимателно да го следи движењето на силите на НАТО во Полска и Литванија, а исто така и силите долж западната граница да ги стави во целосна борбена готовност поради зголемените тензии во регионот.
Во Белорусија продолжуваат протестите против резултатите од неодамнешните претседателски избори, на кои Лукашенко го освои шестиот мандат и за кои опозицијата тврди дека не биле регуларни.