Повеќе случаи на напади и каснувања од бездомни кучиња кои се пријавуваат во полицијата, бележи оваа недела СВР Тетово. Во текот на вчерашниот ден пријавен е еден напад од бездомно куче, но и еден напад од куче кое било водено од сопственикот.
-Во 22 часот и 30 минути, М.Р.(66) од Тетово во СВР Тетово пријавил дека два часа пред тоа на улица „Борис Кидрич“ во Тетово бил каснат од куче-бездомник. Во 13 часот, А.С.(59) од тетовско Горно Седларце во СВР Тетово пријавил дека околу 11 часот и 30 минути, во близина на наплатната станица Тетово, бил каснат од куче кое има сопственик, информира Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Во средата на 2 септември 84 годишник има пријавено напад од куче на улицата „Благоја Тоска“, додека два дена претходно и 16 годишна девојка пријави каснување.
Бездомните кучиња се долготраен комунален проблем на општината. Во јули градоначалничката изјави дека бездомните кучиња, останува да се третираат од ветеринарна ординација која три пати досега има добиено тендер.
-За посеопфатно и системско работење преку соодветна служба или институција се размислува да се направи не како општина, туку во склоп на полошкиот плански регион, изјави тогаш градоначалничката Теута Арифи.
Првите два тендери беа по 600 илјади денари, а сега третиот сега тековен е на еден милион денари.