Околу 270.000 тони нафта може да истечат во океанот, откако избувна пожар на танкер регистриран во Панама, во близина на југоисточниот брег на Шри Ланка, изјави воената команда на земјата.
– Пожарот бил предизвикан од експлозија во моторната просторија на танкерот во четврток наутро по локално време, а сè уште не е ставен под контрола, изјави портпаролот на морнарицата.
Тој додаде дека „МВ Дијамант“ пловел на релација од Кувајт до Индија кога се случила експлозијата и избувнал пожарот.
На бродот имало 23 члена на екипажот, едно лице се смета за исчезнато, а најмалку двајца се повредени.
– Се претпоставува дека исчезнатиот член на екипажот починал во просторијата каде избувнал пожарот, изјави портпаролот.
Шри Ланка испрати три поморски бродови и хеликоптер да помогнат во гасењето на пожарот.