Во центрите за вработување при Министертвото за труд и социјална политика на Косово се евидентирани вкупно 280.000 невработени лица, јави дописникот на МИА.
Според косовскиот министер за труд и социјална политика, Ненад Рашиќ, секоја година во Косово се евидентираат по околу 4.000 нови невработени.
– Со цел да се намали бројот на невработени, како и појавата на работа на црно, Министертвото ги зголеми капацитетите на трудовата инспекција како механизам кој се занимава со проблемите на вработените, изјави Рашиќ.
Тој најави дека во постапка е донесување на закон за заштита на работниците на работното место.
Американската веб-страница за бизнис и технологија „Бизнис Инсајдер“, во врска со сиромаштијата во светот, Косово го вброи во десетте најсиромашни земји во Европа. Со извештајот на „Бизнис Инсајдер“ се опфатени 197 земји во светот, при што Косово е на деветтото место со индекс на сиромаштија од 50,6 отсто и со стапка на невработеност од 45,3 отсто.