Владата на Косово денес соопшти дека во Брисел не е постигната согласност во разговорите на работните групи на Белград и Приштина за планот, за примена на договорот за нормализација на односите, бидејќи српската страна побара да се отворат нови прашања кои не беа дела од него.
Во соопштението на косовската влада стои дека за тие прашања ќе се разговара на ниво на премиери и нагласија дека тие не можат да бидат дел од разговорот за планот за примена на парафираниот договор.
Шефот на работната група на Србија во Брисел, Марко Ѓуриќ изјави дека приштинската делегација ги напуштила разговорите и истакна дека српската страна дошла со најдобри намери.
Според анонимни извори кои го следеле текот на разговорот, приштинската страна побарала најпрвин да се укинат српските институции на север на Косово, а подоцна со учество на властите од Приштина да се формираат нови.
Заменик премиерот на Косово, Хајредин Кучи нагласи дека за сега не е постигнат договор со белградската делегација.
Елена Георгиевска