НАТО бара начини да избегне ненамерни конфликти во источниот Медитеран, додека ги поддржува германските дипломатски напори за смирување на конфликтот меѓу членките на НАТО Грција и Турција за енергетските ресурси, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.
– Ја разгледувам можноста за развој на механизми на НАТО за спречување инциденти и несреќи, преку механизми за деескалација на конфликтот, рече Столтенберг по состанокот со министрите за одбрана на ЕУ.
Тој додаде дека самиот факт што голем број бродови, вклучително и воени, се наоѓаат во таа ограничена зона, предизвикува загриженост.
Грција и Турција, и двете членки на НАТО, спорат околу контролата над водите во источниот дел на Медитеранот и правото на експлоатација на јаглеводород.