Мерки за заштита на учениците и на наставниот кадар и анкетирање на родителите за каков вид настава се определуваат се меѓу темите на кои денеска разговараше прилепскиот градоначалник Илија Јованоски на средбата со директорите на прилепските основни и средни училишта во пресрет на новата учебна година.
Според Јованоски, конечната одлука и протоколите се очекуваат од Комисијата за заразни болести и од Министерството за здравство. Соопшти дека разговарале за преземање мерки за целосна заштита и безбедност на учениците и наставниот кадар, без разлика на датумот на почеток на школската година и начинот на кој ќе се изведува наставата. Истовремено, како што рече, се договориле за активно вклучување на училишните одбори и советите на родители за доследно почитување и примена на заштитните мерки.
-Се подготвуваме и за отворањето на градинките. Инаку, има можност за секоја општина со специфични услови да има свој начин за одвивање на наставата и свои протоколи. Ако биде така, и за тоа се подготвуваме, ќе го почитуваме максимално анкетирањето на родителите, како што сакаат, така ќе направиме. Анкетата не е само формална, изјави Јованоски.
Епидемиологот Татијана Мургоска-Станимировиќ смета дека треба да има и настава со физичко присуство за да се стекне колективен имунитет.
– Мое мислење е дека треба да има и физичка настава. Сега е топло времето, подобро е побрзо да се стекне колективен имунитет и кога ќе настапат есенските и зимските месеци, помала е можноста за зараза, а со тоа ќе се намалат изворите за зараза на повозрасните, постарите. Но, сепак, оставам да решат здравствените авторитети, родителите, Министерството за образование. Инаку, колку побрзо го стекнеме тој колективен имунитет, толку ќе биде подобро за сите, рече Мургоска-Станимировиќ.