Во Берово е откажан фестивалот „Етно плоштад“, додека прославата на празникот Голема Богородица ќе се одбележи без поголеми групирања. Градоначалник Звонко Пекевски во обраќање до своите сограѓани истакна дека поради пандемијата и зголемениот број случаи со Ковид-19, во Берово нема да се служи и црковниот ручек по повод претстојниот празник.
– И покрај тоа што сите очекувавме дека пандемијата од Ковид-19 ќе заврши и ќе продолжиме со сите предвидени забави и концерти во летниот период, за жал тоа не се случи и веќе имаме зголемен број активни случаи и во нашата општина. Од тие причини, а во интерес на запазување на јавното здеавје, сакаме да ве известиме дека оваа година Етноплоштад фестивалот, во чии рамки години наназад се одржуваше и фестивалот на детски песни „Малешевско ѕвонче“, нема да се одржи. Сите активности се откажани и се надеваме дека успешно ќе се справиме со пандемијата, па со нови сили ќе се вратиме на нормалниот тек на живот, рече Пекевски.
Секое групирање, како што додаде тој, може да предизвика појава на нови случаи со Ковид-19 и ширење на оваа подмолна болест, поради што упати апел граѓаните за време на претстојниот празник Голема Богородица да ги почитуваат сите мерки за заштита од коронавирус.
-Упатуваме апел за време на претстојниот христијански празник Голема Богородица да се повлечеме од сите прослави и поголеми групирања, да се придржуваме до мерките и протоколите од здравствените власти, да носиме маска, да внимаваме на пропишаното растојание, почесто да ги миеме рацете и да придонесеме во заедницата, кон зачувувањето на јавното здравје.
Од одговорноста на секој од нас зависи излезот од ситуацијата и завршетокот на оваа состојба, апелираше Пекевски.
Тој изрази надеж дека самосвеста ќе проработи и нема да се дозволи бројот на заболени во општината да продолжи да расте. До денес до 10 часот во Берово има 33 активни случаи со Ковид-19.