Годинашното 41. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на 19 септември во Битола

Од:

Поради пандемија со коронавирус, 41-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава нема да се одржи во својата традиционална форма, туку ќе биде одбележан еден ден, на 19 септември во Битола.

Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) Игор Иванов – Изи на денешната прес-конференцијата соопшти дека при носењето на одлуката ги земале предвид искуствата од европските и светски фестивали, во консулатција со своите членови, по серија состаноци одржани онлајн и следење на состојбата.

– Ова беше тешка одлука. Не беше лесно да ја донесеме. Никој не е среќен со неа. Но, сметаме дека направивме вистинска одлука и дека тоа времето ќе го покаже, рече Иванов – Изи. Посочи дека филмските работници или ДФРМ сметаат дека примарно државата треба да троши пари за продукција на филм и во овие услови поважно е да се снима отколку да се даваат пари за оналјн фестивал.

Директорката на фестивалот Гена Теодосиевска рече дека не била среќна кога ја слушнала одлуката на Управниот одбор и на Собранието на ДФРМ, но додаде оти до крај ќе ја испочитуваат.

Главниот настан ќе се одржи на 19 септември во Битола и ќе трае помалку еден час. Ќе се обрати покровителот на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на Битола Наташа Петровска, а обраќања ќе имаат и директорката на фестивалот Гена Теодосиевска, претседателот на ДФРМ Игор Иванов – Изи. Со видео порака ќе се обратат добитникот на највисоката фестивалска награда и новиот претседател на ИМАГО, Острум, а добитникот на „Големата ѕвезда“ на ДФРМ очекуваат да биде присутен на тој настан.

Таа рече дека имаат намера да преговараат со јавниот сервис да прикаже по еден филм од добитниците на високите филмски признанија. Во следните денови и по 19 септември преку интернет платформа ќе организираат две видео работилници со добитниците на наградите и со членовите на ИМАГО, меѓународна асоцијација во која членува ДФРМ и со која соработуваат.

– ДФРМ и јас се согласивме во едно, дека компетитивна селекција на филмови да се прикаже на интернет платформа не доаѓа предвид пред се и над се заради фактот што не е професионално да се оценува креацијата на кинематограферите со следење филм на компјутер, дури и на плазма. За да се оцени визуелната структура на овие филмски уметници на кои им е посветен на овој фестивал потребно е големо платно и еден пријатен киномрак, рече Теодосиевска. Најави дека ќе се обидат да креираат динамична веб-страница на фестивалот и ќе бидат активни на социјалните мрежи, каде ќе споделуваат нови информации.

Режисерот и сценарист Столе Попов е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за 2020 година. Иванов-Изи рече дека Столе Попов е големо име на македонскиот филм, човек кој треба да ја добие оваа награда без пардон и без никакви оспорувања за неговото дело. Потсети на дел од неговото творештво, на филмовите „Оган“,„ Австралија, Австралија“, „ДАЕ“.Тој рече дека Попов сними легендарни играни филмови, како „Тетовирање“, „Црвениот коњ“, „Среќна Нова 49“, чии реплики, како што рече, се уште се цитираат низ народот и градскиот живот и станаа еден вид како поговорки, популарни, ги полнеа киносалите. Се осврна и на „Џипси Меџик“ и последниот филм „До балчак“. Потенцира дека Попов има придонес во репортажата, снимил значајни репортажи, има влијание во едукативните процеси, учествувал на многу фестивали…

Добитник на нагрдата „Златна камера 300“ за животно дело или животен опус е полско-американскиот кинематографер Јануш Зигмунд Камински. На јавноста тој и е познат по тоа што соработува со Стивен Спилберг. Теодосиевска потсети на неговиот живот и дело и посочи дека засега е најмлад добитник на наградата „Златна камера 300“. Тој е двоен оскаровец, а меѓу неговите филмови се „Шиндлеровата листа“, „Спасувањето на војникот Рајан“, „Минхен“, „Линколн“,„Воениот коњ“, „Мостот на шпионите“…

На прес-конференцијата беа прикажани инсерти од филмовите на Столе Попов и Камински.

Би можело да ве интересира

Почесна „Златна Камера 300“ за Јанаки Манаки од ИФФК „Браќа Манаки“

Предраг Петровиќ

MINТ Fintech Group – сребрен партнер на Интернационалниот фестивал на филмската камера Браќа Манаки

Предраг Петровиќ

Со премиера на „Домаќинство за почетници“ почна Фестивалот „Браќа Манаки“

Лабина Митевска е годинашна добитничка на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Мони Дамевски реизбран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Пендаровски ја додели наградата Златна Камера 300 за животно дело на Ентони Дод Ментл

Ана Ололовска