Литванија и Белорусија си разменија обвинувања откако над границата меѓу двете земји беа пуштени црвено-бели балони, како дел од литванската реакција или знак на солидарност со белоруските демонстранти, пренесоа француксите медиуми.
Литванија соопшти дека белоруски воен хеликоптер ја минал границата со ЕУ и НАТО неколку минути пред илјадници луѓе да се сплотат во човечки синџир долг 35 километри, што вчера се протегна од главниот град Вилнус до границата со Белорусија.
„Белорускиот амбасадор е повикан во Министерството за надворешни работи и му беше врачена протестна нота за кршење на државната граница“, се наведува во соопштението на МНР на Литванија.
Белоруското Министерство за одбрана соопшти дека се спротивставува на „обидите за прекршување“ на неговиот воздушен простор со „сонда од осум балони со антивладини пароли“.
„Благодарение на одлучувачката акција што ја презедоа хеликоптерите „Ми-24“ на нашите воздухопловните сили, летот на балоните беше запрен без прибегнување кон оружје“, се наведува во соопштението на Министерството.
Белорусија е епицентар на масовни протести против 26-годишното владеење на претседателот Александар Лукашенко. Тој ги обвини западните земји, особено соседите во ЕУ и НАТО, за мешање во ситуацијата во земјата и на војската и нареди да ја засили безбедноста на границата, особено западната.
Белоруската опозиција соопшти дека станува збор за обид на Лукашенко да го сврти вниманието од насилното справување со протестите.