Водечките политички партии во Европскиот парламент во заедничка изјава го прогласија претседателот на Белорусија Александар Лукашенко за непожелен, персона нон грата.
Тие повикаа да се одржат нови, „слободни избори во Белорусија“.
Изјавата ја потпишале Европската Народна Партија, Обновена Европа, Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите и фракциите на „Зелените“.
„Претседателските избори на 9 август во Белорусија не беа слободни, ниту фер. Веродостојните извештаи ја докажуваат победата на Светлана Тихановскаја. Затоа не го признаваме Александар Лукашенко за избран претседател и го сметаме за персона нон грата во Европската Унија. Се приклучуваме кон белорускиот народ во неговите барања за нови и слободни избори“, се вели во заедничката изјава на европарламентарците.
Партиите во Европскиот парламент ја поддржаа и одлуката на Министерството за надворешни работи на ЕУ за поединечни, дополнителни санкции кон Белорусија и побараа тие што побрзо да бидат воведени.
Европските парламентарци исто така ја осудија употребата на сила над мирните демонстранти и побараа итна и транспарентна истрага за сите случаи на насилство над граѓаните.
„Бараме веднаш да се ослободат сите притворени пред и по предизборната кампања“, стои во соопштението.