Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, изјави дека ќе биде првиот човек во државата што ќе ја прими неодамна објавената руска вакцина против Ковид-19.
„Задоволен сум што Русија ќе биде првата земја во светот што ќе го вакцинира своето население“, рече Мадуро во телевизиското обраќање во неделата.
Руската вакцина против Ковид-19, наречена „Спутник V“, е првата во светот што се стекна со официјално одобрување и веќе се наоѓа во фаза на производство. Според руските власти, околу 20 земји изразиле интерес за нејзин увоз.
Од „Русија Денес“ пренесуваат дека датумот на испорака на вакцината во Венецуела сè уште не е познат.
Според последните бројки добиени од Центарот „Џон Хопкинс“, во Венецуела потврдени биле над 33.750 заразени лица, додека бројот на починати од вирусот изнесува 281 лице.