81-годишна жена, по 20 дена поминати во Градската општа болница „8 Септември“ денеска ја напушти болницата со два негативни теста на коронавирусот. Таа е дијабетичар веќе 30 години, што уште повеќе го зголемувало ризикот по нејзиниот живот.
Искуството со болеста го опиша нејзината ќерка Наташа, која исто така била позитувна на коронавирусот, а нејзината изјава ја пренесе министерот за здравство Венко Филипче на неговата страница на „Фејсбук“.
„Медицинските сестри трчаа во скафандери на 40 степени ноќта кога мајка ми се бореше со живот или смрт. Презадоволна сум од лекарите, медицинските сестри, болничарките и хигиеничарките во ГОБ „8 Септември“. Достапни беа во секое време. Благодарност до сестра Наташа од Скопје и сестра Снежана од Битола. Таква несебична помош дадоа, немам зборови за грижата кон мене и мајка ми која има 81 година и е дијабетичар веќе 30 години. Тоа што ме мотивираше да издржам овие денови е желбата за живот, моето семејство и ќерката Мила која е во изолација 15 денови сама дома. Апелирам да носиме заштитни маски, да држиме растојание и хигиена за да се заштитиме од коронавирусот“, вели Весна, која ја напушти болницата заедно со нејзината мајка.