Претседателот на Франција, Емануел Макрон утре ќе отпатува за Либан, за да се сретне со сите политички актери, по експлозијата што го разурна Бејрут при што загинаа најмалку сто лица, а илјадници се повредени, соопшти денеска Елисејската палата.
Предвидено е Макрон да се сретне со претседателот и премиерот на Либан, Мишел Аун и Хасан Диаб.
Во соопштението на Елисејската палата се наведува дека Франција веќе испратила екипаж, опрема и помош во Либан. Од Марсеј испратена е итна опрема и медицински екипаж од девет лица.
– Три авиони денеска ќе полетаат за Бејрут, еден од Марсеј со медицински тимови, еден од парискиот аеродром Руаси со 25 тони опрема и безбедносни тимови на Министерството за внатрешни работи, изјави шефот на француската дипломатија Жан-Ив ле Дриан.
Тој додаде дека Франција во следните денови ќе преземе иницијатива за мобилизирање на меѓународна помош, посебно на европско ниво.
– Сега е важно да се покаже меѓународна солидарност, истакна Дриан.