ССМ: Денот на труд се одбележува со целогодишна работа, не само со еден ден

Од:

Сојузот за синдикатите на Македонија смета дека денот на трудот го одбележува со целогодишна работа која дава резултати. ССМ е сериозна организација која има одговорност и обврски кон членството и има резултати, која не манифестира работење само еден ден.

Ова го порача претседателот на ССМ Живко Митревски по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.

Посочувајќи на законските решенија кои се донесени за заштита на работничките права и потпишаните конвенции, рече дека тоа се постигнува само со целогодишна работа.

– Имаме конкретни резултати во заштита на работниците. Нема отпуштања, нема намалување на платите и зголемување на старосната граница за пензионирање. Ова се трите основни столба што се заштитени и ова е тоа што го почувствуваа работниците, истакна на прес-конференција Митревски.

Тој смета дека заштитата на правата на работниците најдобро се спроведува преку организирање и потпишување колективни договори.

Презентира податоци кои посочуваат дека во последната година се поведени 3.000 постапки пред судовите во кои 90 проценти се позитивно решени.

Митревски посочи дека  од 2.800 пријави од работниците 380 се во делот на неисплатена плата, над 380 за задоцнета усплата на придонеси и одреден дел за исплата на надоместоци.

Сојузот на синдикати на Македонија по повод Меѓународниот ден на трудот почна кампања за формирање локални економско – социјални совети. Целта е преку нив да се зајакнат структурите на локално ниво. Нивната функција е консултативно-советодавна, односно тие даваат свои мислења, препораки и предлози за одредени состојби и предлагаат начин на нивно спроведување. Досега се формирани локални економско – социјални совети во Кавадарци, Куманово, Струмица, Штип и Тетово. Најавено е формирање и во Битола, Велес и Скопје.

Ваквиот начин на одбележување на 1 Мај, Сојузот на синдикати на Македонија го практикува од 2010 година кога започна со кампањата за зголемување на членството. Во изминатите години беа спроведени кампањи за  донесување закон за минимална плата и за закон за мобинг.

Денот на трудот се празнува на првиот ден од мај во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго. Целта на првомајските демонстрации во Чикаго била да се издејствува воведување осумчасовен работен ден, но полицијата употребила сила и имало жртви. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Ја разбирам потребата за зголемување на платите, синдикатите да не наседнуваат на политичките кампањи на СДСМ

Дурмиши: Ќе започнеме дијалог за сите отворени прашања и од страна на синдикатите и од страна на работодавачите

ДС: Само силен синдикат е гарант за работничките права

А1он

Меѓународниот ден на трудот одбележан со првомајски протест и барања упатени до новата влада

А1он

Мицкоски: Денес работничките права се прекршени и погазени, промените мора да се случат

А1он

Ковачевски: Нека е честит 1 Мај, СДСМ секогаш била на страната на работниците

А1он