Нема индиции дека бегалецот од Северна Кореја, кој се вратил во таа земја, е заразен со коронавирус, соопштија јужнокорејските здравствени власти.
Претходно, Пјонгјанг соопшти дека момчето кое ги преминало границите на двете соседни земји би можело да биде првиот случај на инфекција со Ковид-19 во Северна Кореја.
Јужнокорејските власти го идентификувале 24-годишното момче, кое одговара на описот и „неодамна се вратило во Северна Кореја“, но не го откриваат неговото име.
– Лицето не е регистрирано ниту како пациент заболен од Ковид-19, ниту како контакт на веќе заразено лице, изјави на прес-конференција јужнокорејскиот претставник на здравствените власти Јун Тае-хо.
Тој додаде дека биле тестирани и две лица кои биле во контакт со бегалецот, но и тие биле негативни.
Севернокорејската државна агенција КЦНА вчера објави дека лицето кое побегнало во Јужна Кореја, но неодамна се вратило во Северна Кореја, е првиот случај на коронавирус во земјата, по што лидерот Ким Џонг-ун веднаш воведе вонредна состојба и го стави во карантин пограничниот град Каесонг.