Европската комисија денеска предложи Словенија, Хрватска и Австрија да бидат потпомогнати со 14,6 милиони евра по поплавите од октомври и ноември минатата година.
Еврокомесарот за регионална политика Јоханес Хан во соопштението наведува дека предлогот е израз на солидарност и дека понудените средства ќе помогнат за ублажување на финансискиот удар, претрпен за реконструкција на инфраструктурата и преземањето на итни мерки.
Поради поројните дождови есента 2012 година реките во регионот поплавија голем дел од Северна Словенија, како и области во Хрватска и Австрија.
Комисијата предлага 14,08 милиони евра да добие Словенија, 286.587 евра Хрватска и 240.000 евра Австрија.
Словенечките власти го оценуваат вкупниот износ на штетите на речиси 360 милиони евра, што претставува речиси над еден процент од бруто националниот производ на земјата. Хрватска и Австрија пријавија штета во вредност од 11,5 милиони евра и 9,6 милиони евра соодветно.