Посетата на премиерот на Република Македонија Никола Груевски на Аргентина и неговите средби со високите политички претставници на аргентинската држава, потпретседателот и министерот за надворешни работи, како и повеќето економски средби и настани наиде на соодветен третман од страна на аргентинските медиуми.
Во текот на последниот ден од престојот во Аргентина премиерот Груевски, на барање на медиумот, даде ексклузивно интервју за најтиражниот и најреномиран дневен весник во Аргентина „Ла Насион“.
Весникот „Ла Насион“ има големо влијание и кредибилитет меѓу аргентинската читателска публика и покрива теми од целиот спектар на општеството, односно и политички и економски теми и настани.
Во интервјуто премиерот Груевски го истакна позитивниот тренд на развој на односите помеѓу Република Македонија и земјите од Јужна Америка, со осврт на значењето на посетата на владината делегација во функција на развој, унапредување и продлабочување на односите помеѓу нашата земја и Аргентинската Република во сите сфери од взаемен интерес.
Премиерот се осврна на промоцијата на македонските економски интереси, претставувајќи ги и елаборирајќи ги предностите и поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори за реализација на бизнис во Македонија.
Посебно беа истакнати најниските трошоци за правење бизнис во Европа кои ги нуди Република Македонија, нискиот и атрактивен даночен пакет, квалификуваната работна сила, можноста за пласман на европскиот пазар без бариери и поволностите кои се овозможуваат во технолошко-индустриските развојни зони.