Регионалните медиуми околу парламентарните избори во Македонија: Мирно и без проблеми, тесна победа на СДСМ

Од:

Македонските предвремени парламентарни избори поминаа во мирна и демократска атмосфера, а иако имаше недоследности од страна на ДИК, исходот од изборите недвојбено оди во прилог на Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата „Можеме“. Ваква е генералната оценка на медиумите од регионов во врска со вчера одржаните избори, а речиси сите извештаи нагласуваат дека ДУИ ќе има клучно влијание во процесот на формирањето на новата македонска влада.

Бугарските медиуми постојано ја следеа ситуацијата во нашата земја за време на изборниот ден, а повеќето пренесоа дека „СДСМ на Зоран Заев со мала предност победи на изборите во С.Македонија“.

Во фокусот на извештаите на медиумите од Бугарија е лидерот на СДСМ, кој најави дека граѓаните на државата јасно ја зајакнале својата волја за Скопје да го продолжи патот кон европските интеграции. Стратегијата под името „Можеме“ му донесе победа на Заев заедно со албанската партија Беса која коалицираше, се вели во бугарските новински извештаи.

Како причини зошто партијата ВМРО-ДПМНЕ на изборите завршила втора, бугарските новинари го наведуваат водството на партијата и лидерот Христија Мицкоски кој е наследник на долгогодишниот премиер Никола Груевски кој сега се наоѓа во бегство како и желбата повторно да се преговара за договорот од Преспа, но и да се врати претходното уставно име на државата.

Тие оценуваат дека престојат тешки преговори за создавање на Влада, како и опасност да се влезе во нова политичка криза која ќе ја ослабне и онака кревката економија на државата.

Новинарот Иван Георгиев за националната телевизија „БТВ“ рече дека ситуацијата е неизвесна и дека понатаму останува нејасно кој ќе управува со македонската Влада.

Како една од посериозните негови забелешки околу изборите е немањето на официјални резултати долг период од страна на ДИК, како и хакерските напади и паѓањето на веб страницата, сепак од 96 отсто преброени гласови станува јасно дека партијата СДСМ има блага предност од еден мандадат пред опозициската партија.

Албанските медиуми, кои во континуитет информираат за изборните активности во нашата држава, посебен простор одвоија за прелиминарните изборни резултати.

„Заев прогласи победа“, „Заев победник на изборите, успех и за Албанците со 29 пратеници во Парламентот“, „Ахмети обезбеди 100.000 гласови“, „Ахмети и Заев во владина коалиција?“„Избори во пандемија, но најдемократски“, се само дел од насловите на албанските медиуми во информаците кои ги објавуваат.

„Коалицијата „Можеме“ е победник на изборите и волјата на народот беше потврдена за сигурна иднина, економски патриотизам, владеење на правото. Патот напред беше потврден“, е дел од изјавата на Заев која ја пренесуваат медиумите.

„Оваа победа на ДУИ е победа на Албанците и со оваа победа ниту еден Албанец нема да загуби. Се покажавме како најуспешни во сите области и така ќе биде и натаму. Албанците нема да бидат разочарани од нас. Благодарен сум што имав можност да ги објавам најдобрите вести за Албанците и апсолутната победа“, пишуваат албанските медиуми пренесувајќи дел од изјавата на Ахмети.

Српските медиуми веднаш по соопштувањето на првичните изборни резултати известија дека неизвесноста и изедначените резултати се главна карактеристика на парламентарните избори во државата.

Тие пренесоа дека според изборниот исход, СДСМ има минимална предност во однос на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и дека се уште не познато кој ќе ги собере потребните мандати за создавање на новата македонска Влада.

„Сите што учествуваа на изборите ја добија пораката од гласачите во врска со тоа како ја спроведуваа досегашната политика во државата“, додаваат српските медиуми.

„Европа или враќање во мрачниот период“, „Македонците избираат Влада на изборите кои треба да ја одредат судбината на државата“, „Неизвесна борба на двата блока“, „Валкана кампања и прислушкување лајтмотив на парламентарните избори во С.Македонија“, беа дел од насловите на медиумите во Србија.

Изборите во Македонија беа проследени и од хрватските медиуми кои соопштија дека е тесна разликата помеѓу двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

„Поранешниот премиер на С.Македонија, Зоран Заев денес прогласи победа на парламентарните избори откако неговата про-западна партија СДСМ освои 46 од 120 места во Собранието, за две места повеќе од националистичката партија ВМРО“, пренесоа хрватските медиуми.

Аналитичарите во Хрватска сметаат дека иако резултатите не се конечни сепак ДУИ ќе пресуди во однос на тоа кој ќе состави идна Влада. Албанската партија ДУИ, според нив игра клучна улога со својата одлучна позиција на македонската политичка сцена за избор на прв премиер Албанец.

Тие истакнаа дека на изборите и покрај пандемијата со коронавирусот, регистрирана е висока излезност од околу 1,8 милиони гласачи со над 50 отсто.

Би можело да ве интересира

Следува уште една изборна година

Ана Ололовска

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он

Уште пет дена за договор за нова влада

А1он

СДСМ: Продолжуваат разговорите за нова влада со полн четиригодишен мандат

А1он

СДСМ тврди дека преговара за Влада со стабилно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ бара да ги кажат имињата на партиите

А1он