Сомнежи дека гласовите од предвремените парламентарни избори се погрешно впишани или прикажани на страната на Државната изборна комисија се појавија откако во изборни места каде што во 2016 година апсолутен победник беше СДСМ, сега според резултатите објавени онлајн, водство имаат ДУИ и Алијанса на Албанците. Станува збор за општини како Карпош и Кисела Вода, во кои избирачки места двете албански партии поединечно во 2016 освоиле најмногу по два гласа.
Според извори на „А1он“, со упад во системот на Државната изборна комисија, погрешно се распределени околу 80 илјади гласови, кои пак, голем дел се одземени од контото на СДСМ.
Според првичните неофицијални податоци, во Карпош, на избирачкото место 2643, најмногу гласови освоиле ДУИ или 58.02 проценти, а по нив, Алијанса за Албанците со 31.08 проценти од вкупниот број гласови. На истото избирачко место во 2016 година, 53.15 проценти освоиле СДСМ, а потоа, 38.14 проценти имале ВМРО-ДПМНЕ. Во 2016 година, ДУИ имале 0.30 проценти од гласовите, а Алијанса за Албанците на ова избирачко место имало 0.15 проценти.
Слично е и со избирачкото место 2.670 кое се наоѓа во скопска Кисела Вода. Според онлајн системот на ДИК, утрово, таму победник беше ДУИ со 44.9 проценти од гласовите, а по него, Алијанса на Албанците со 22.79 проценти. Ако овие објавени резултати се споредат со 2016 година, ќе се увиди дека ДУИ тогаш добила 0.14 проценти од гласовите, а Алијанса за Албанците немала гласови. Наспроти нив, на тие парламентарни избори, победник во избирачкото место бил СДСМ кој освоил 50.28 проценти од гласовите, а по нив, ВМРО-ДПМНЕ освоила 41.13 проценти.
Страницата на Државната изборна комисија е во целосен прекин, со што е оневозможено да се споредат останатите податоци кои се сумирани од вчерашниот изборен ден. Претседателот на комисијата, Оливер Дерковски, вчера кажа дека имало упад во системот каде се прикажувале гласовите, но посочи, дека тоа не влијаело на обработката на податоците.
Нема ниту информација, дали евентуалниот упад во системот е пријавен во Одделот за компјутерски криминал при МВР за да се утврди сторителот.