Големо количество американски долари секој месец, повеќе од десет години, пристигнуваат во кабинетот на претседателот на Авганистан, пишува весникот „Њујорк тајмс“.
Хамид Карзаи на овој начин има добиено повеќе десетици милиони долари, наведува весникот, повикувајќи се на активни и поранешни службеници во најблиското опкружување на Карзаи во Кабул.
Поранешен шеф на претседателската администрација за весникот открива дека доларите ги нарекувале „пари духови“. „Њујорк тајмс“ нагласува дека на овој начин ЦИА купувале благонаклонетост од авганистанскиот лидер и неговото најблиско опкружување, додека тие од своја страна имале можност да се договорат со локалните команданти. Весникот наведува дека овие средства ја поткопуваат стратегијата на Вашингтон за излез од Авганистан.
– Најголемиот извор на корупција во Авганистан се наоѓа во САД, вели неименуван американски претставник, цитиран од весникот. ЦИА дејствува на овој начин уште од инвазијата на американската војска во земјата во 2001 година, наведува „Њујорк тајмс“.