Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), чија главна задача е да ги заштити надворешните граници на Европската унија, почна операција во Црна Гора што е втора операција на агенцијата надвор од ЕУ.
Според порталот „Балканска безбедносна мрежа“, Црна Гора е, по Албанија, втора земја на Западен Балкан каде ЕУ почнува мисија за подобрување на граничната контрола и борба против илегалната миграција, а потоа следат Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Според Фронтекс, неколку полицајци ќе бидат распоредени во Црна Гора, како помош на црногорските погранични власти, на границата со Хрватска.
Во наредните недели, присуството ќе биде проширено и на поморската гранична контрола, вклучително и поддршка за задачи за пребарување и спасување.
„Црна Гора и другите земји од Западен Балкан се клучни партнери на ЕУ во заштитата на нашите граници и во борбата против прекуграничниот криминал. Затоа денес ја започнуваме втората операција во регионот“, рече извршниот директор на „Фронтекс“, Фабрис Легери.
Главната цел на операцијата е борба против прекуграничниот криминал, криумчарење мигранти, трговија со луѓе, фалсификување лични документи, украдени возила и бродови, како и спречување на шверц на дрога, оружје и борба против тероризам.