Не стивнува епидемијата на Балканот: над 1.000 заразени во земјите од регионот во изминатите 24 часа

Од:

Коронавирусот и натаму со несмалена жестина го тресе Балканскиот Полуостров, а во повеќето земји од регионот се бележат високи бројки на новозаразени и починати. Во Македонија денес, според Министерството за здравство, регистрирани се 135 новозаразени лица и четворица починати.

Вкупниот број на заразени од Ковид-19 во соседна Бугарија изнесува 7.411, додека во последното деноноќие евидентирани се 159 новозаразени од направени вкупно 3.342 тестирања. Во Бугарија има 3.618 активни случаи, додека бројот на излекувани изнесува 3.517 лица од кои 198 се евидентирани во последните 24 часа.

Oколу 529 пациенти се наоѓаат на болничко лекување, а 29 на интензивна нега поради влошување на здравствената состојба. Од вирусот во Бугарија починаа вкупно 276 лица, а само во последното деноноќие евидентирани се 8.

Во последните 24 часа во Србија 13 лица починале како последица од инфекција со коронавирусот, а регистрирани се 344 новозаразени лица, соопштија здравствените власти. Во изминатото деноноќие направени се 8.659 тестови, а во моментов во Србија има 4.574 активни случаи на Ковид-19.

Во земјата, регистрирани се 203 лица кои се хоспитализирани, а 170 пациенти, најмногу досега, се приклучeни на респиратори, соопшти српскиот Центар за јавно здравје.

Во Хрватска во последните 24 часа евидентирани се 52 нови случаи на коронавирус, соопшти хрватскиот министер за здравство, а починало едно лице и сега вкупниот број на починати изнесува 120. На респиратори се наоѓаат нови пет лица.

Тешка е состојбата со епидемијата и во Косово, каде во изминатите 24 часа се откриени 187 новозаразени лица, а шест лица починаа. Најголем дел од новозаразените, 92-ца, се регистрирани во главниот град Приштина.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 58 нови случаи на Ковид-19, од кои 28 се по направените тестови на влезните точки во земјата, соопшти Националната организација за јавно здравје.

Според грчките медиуми, меѓу останатите 30 случаи, уште шест се кај туристи, кои доброволно се тестирале за време на нивниот престој во Грција. Од почетокот на епидемијата регистрирани се вкупно 3.883 случаи на Ковид-19 во земјата.

Во последното деноноќие во БиХ од коронaвирус починаа 3 лица и сега вкупниот број на починати изнесува 214. Во земјата за период од 24 часа евидентирани се 189 новозаразени со што вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата изнесува 7.179 лица.

Во Црна Гора се регистрирани 64 нови случаи на заразени со коронавирус, а во земјата во моментов има 1.453 активни случаи.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ