Дел од канализацискиот систем во населбата Радишани во должина од 1.200 метри целосно е изграден, а останатите 500 метри треба да бидат финализирани до крајот на годината, најави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Со реализацијата на проектот, како што истакна Јанакиески, се реши проблемот на околу 1.200 жители, кои претходно користеа септички јами.
– Со изградбата жителите нема да користат септички јами, ќе имаат целосно изграден канализациски систем приклучен на градската канализациска мрежа и заштита на животната средина, бидејќи претходно отпадните води директно се пуштаа во реката Серава, изјави Јанакиески.
Вредноста на проектот е околу 5 милиони денари, средства обезбедени од Европската инвестициска банка.
– Согласно електронското јавно наддавање добивме многу поволна цена и останаа уште средства од Европската инвестициска банка да ги релаизиравме останатите 500 метри. Очекуваме во втората половина од јуни да почнеме постапка за релаизиација на вториот дел. До крајот на годината очекувам да биде завршено и септичките јами да станат минато во овој регион, рече Јанакиески.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски посочи дека со реализацијата на проектот се проширува мрежата на фекални канализации во градот и се заштитува животната средина во населените места.
Со изградбата на канализациската мрежа, градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски нагласи дека е спасена од еколошка катастрофа реката Серава.
– Изградени се околу 11 километри фекална канализација долж течението на реката Серава, останува да се дореализира уште половина километар. Со тоа сите отпадни води што се влеваа во реката Серава ќе биде минато, рече Латиновски.