Со оглед на растечката улога на Кина во светот, НАТО треба да соработува поактивно со партнери како Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Јапонија, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за германската медиумска куќа Редакционснетсверк Дојчланд (РНД).
– Што се однесува до позицијата на НАТО за Кина, ние треба да правиме разлика помеѓу военото присуство и политичките иницијативи. Јас сум за нов „паметен“ политички пристап на глобално ниво – пораспространето НАТО. Глобалниот баланс на силите се менува и ние треба да ја одржиме нашата технолошка предност, рече Столтенберг, истакнувајќи дека Кина сега е на пат да стане лидер, особено во областа на вештачката интелигенција.
Генералниот секретар на Алијансата, исто така, ги критикуваше постапките на Пекинг во Хонг Конг, во однос на усвојување на законот за национална безбедност во овој специјален административен регион на НР Кина.
– Кина на тој начин демонстрира дека не ги споделува нашите идеи за вредности, рече Столтенберг.
Според него, новиот закон „ја поткопува идејата за една држава – два система“.
Во исто време, Столтенберг нагласи дека „Кина не е нов противник на НАТО“.