Исланската опозиција од десниот центар утрово прогласи победа на парламентарните избори, после обработени 45 отсто од гласовите, со што, според аналитичарите, бирачите ја казниле актуелната левичарска влада поради острите мерки за штедење во изминатите четири години.
Доколку бидат потврдени првичните резултати од вчерашните избори, на власт ќе се врати десничарската Независна партија и центристичката Напредна партија, кои се залагаат за прекин на преговорите за пристапување на Исланд кон Европската унија.
– Независната партија сега повторно ја презема должноста. Сегашната ситуација бара промени, изјави лидерот на победничката партија Бјарни Бенедиктсон (43) во обраќањето пред приврзаниците и наведе дека е подготвен да преговара со цел формирање владина коалиција.
Тој рече дека после пребројувањето на 45 отсто од гласовите, неговата партија би требало да има 21 од вкупно 63 пратенички места.