Ги повикувам сите в среда да го заокружат бројот 7, затоа што тоа ќе значи влез во Парламентот на пратеници кои нема да влезат во калапот на таканаречените „големи“ партии, кои нема да се пазарат со својот глас за лична корист, туку ќе истапат за интересот и слободата на секој граѓанин, рече претседателот на Граѓанско Демократска Унија, Петар Колев на денешната прес – конференција, упатувајќи апел до неопределените чии гласови се исклучително потребни за третата опција да добие поддршка.
Тој нагласи дека ГДУ верува дека мисијата на пратениците е преку собраниските процедури да отпочнат ресетирање на системот од корен и на политичката сцена да донесат нов изборен модел.
– Една изборна единица со отворени листи и можност за граѓанинот на изборното ливче да заокружи – Ниту еден од наведените, рече Колев, потенцирајќи дека ГДУ ја исполнила задачата што си ја поставила пред почетокот на кампањата.
Оцени дека реализирале позитивна кампања и дека се уверени оти на гласачите им покажале дека е време за млади политичари кои во вокабуларот не користат говор на омраза, не го навредуваат противникот, туку говорат аргументирано.
Колев ги повтори партиските ветувања дека ќе го намалат бројот на пратеници од 120 на 90 во првата фаза, а потоа и на 61, намалување на бројот на советници во општините и во Град Скопје, намалување на бројот на министерства, министри, агенции ….
– Го привлековме вниманието со личен пример – се откажуваме од сите приходи и бенефиции како пратеници во Собранието над износот од 14,500 денари колку што изнесува минималната плата. И нам како и на секој гласач ни е јасно дека со таа плата тешко се живее, но целта е да им порачаме на сите политички партии кои одбија да го следат примерот – дека пратеничката функција не е измислена за лично богатење. Пратеникот има поголема мисија – на политичката сцена да го донесе гласот на секој што е обесправен, што живее од минималец, на секој што нема основни услови за егзистенција зашто државата заборавила да инвестира и да ја развива внатрешноста на Македонија, рече Колев.
Граѓанско Демократска Унија предлага уставни промени и во делот на изборот на судиите, нивниот мандат и воспоставување специјализирано судство.