„Знаете ли која беше дилемата пред 1 јуни 2017 година, 33 дена пред преземањето на оваа планина од одговорност? Дали ќе преживее Зоран Заев, дали ќе преживее Зијадин Села и други народни пратеници во Собранието. Пустош наследивме. Тоа беше обид за државен удар.“ – потсети Никола Димитров, кандидатот за пратеник од СДСМ и носител на листа во изборната единица 1 од коалицијата „Можеме“, вчера вечер на трибината во Скопје.
Тој порача дека срамота е луѓето од опозицијата кои беа спремни да ја нападнат својата држава, за да бегаат од одговорност да зборуваат денес за правда. Зашто токму тие 18 месеци преговараа за Законот за јавно обвинителство, за да ја избегнат правдата и покрај барањата на ЕУ тој закон а биде донесен.
„Немаше слобода, немаше демократија. Препораката на Европската комисија, во 2016 год. ја изгубија. Перспективи нула. Заглавени во слепа улица. Со пријатели помалку од една рака. Не се ни шепкаше за нас во ходниците на НАТО. Безнадежен случај во Брисел, во европските институции. И играње на меѓуетнички тензии. Да не заборавиме што беше контекстот за нападот во Собранието“, рече Димитров во ретроспективата за режимот кој не нуди ништо поразлично од ова, наспроти понудата на СДСМ, која единствено може да донесе прогрес:
„Ние денес – дел чувме, дел ќе слушнеме – имаме многу продуктивна дилема и дебата, дали докторите да имаат 1.500 евра плата или 2.000 евра плата. Дали ќе дадеме на 60.000 фамилии бесплатни еко-инвертори за да се бориме за чист воздух или на малку помалку, или на малку повеќе. Ние во програмата викаме на 60.000 домаќинства. ЕУ заедно со нашата програма е најдобриот компас и пат и за економијата, и за животната средина и за инфраструктура“, истакна Димитров уверувајќи дека со ВМРО-ДПМНЕ не постојат ни теоретски шанси за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ.
„И сите вие што не сте задоволни од нашево туркање напред, турнете не’ сега во среда. За да немаме тегови на нозете! За да трчаме напред!“, Димитров ги повика сите граѓани за заокружување на бројот 3.