Управата за јавни приходи денеска соопшти дека мерката за финасиска поддршка за исплата на плати за април, мај и јуни ја искористиле вкупно 55.025 работодавачи. Опфатени се 319.859 вработени, а вкупната финансиска поддршка за трите месеци изнесува 4.458.719.347 денари.
Финансиска поддршка искористиле и 17.615 физички лица кои вршат самостојна дејност, а вкупниот износ за оваа намена е 255.417.500 денари.
За мерката субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за трите месеца одобрени се 2.101 барање, а за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите за јуни, јули и август досега се поднесени 68 барања.
За ослободување од плаќање на аконтации на данокот на добивка одобрени се 973 барања, а за ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на личен доход 707 барања.
Од УЈП истакнуваат дека ваквата искористеност на мерките е резултат на брзото, лесно и едноставно аплицирање.