Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, по пат на видео конференциска врска ги прими акредитивните писма од страна на Константинос Елијадес, новоименуван нерезидентен амбасадор на Република Кипар за Република Северна Македонија, со седиште во Белград.
Како што соопштија од кабинетот на заменик – министерот, Жерновски му посака добредојде и успех во вршењето на својата функција во Северна Македонија, и тоа како прв именуван амбасадор на Република Кипар во Република Северна Македонија по воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави.
Во разговорот, се посочува, беа разменети мислења околу повеќе актуелни теми, со акцент на европската интеграција и перспективи на Северна Македонија.
-Взаемно беше изразено задоволство што на 01.07.2020 е направен уште еден многу значаен чекор кон Европската Унија, по усвојувањето на предлог преговарачката рамка од страна на Европската комисија. Жерновски се заблагодари за континуираната и одлучна поддршка на Република Кипар во нашиот европски интегративен процес, како и позитивната и конструктивна улога во процесот на решавањето на спорот со Грција. Воедно, изрази уверување дека Кипар ќе продолжи со подеднаков ангажман да се зазема за нашата понатамошна интеграција во Унијата, при што истакна дека очекуваме до крајот на годината да се одржи меѓувладината конференција која што е првиот конкретен чекор и форум за политички и реформски дијалог меѓу Северна Македонија и Европската Унија, стои во соопштението.
Амбасадорот Елијадес, пак, ја реафирмираше поддршката на Кипар за започнување на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, како и за помош за исполнувањето на потребните реформски определби. Изрази задоволство што како прв амбасадор ќе има прилика да придонесе во интензивирањето македонско-кипарското пријателство, акцентирајќи го потенцијалот кој постои за натамошно продлабочување на соработката во областите од заеднички интерес.
На средбата, се нацедува, беше истакнато дека постои потенцијал за развојот на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Кипар, но и цврста и силно изразена волја за изградба на пријателски и срдечни односи на соработка во сите области од взаемен интерес. Фокусот ќе биде ставен на економската соработка и туризмот, преку организирање на бизнис форуми преку кои ќе се зајакне оваа соработка меѓу бизнис заедницата.
Соговорниците, се додава, разменија мислења и за состојбите во нашиот регион, како и најновиот развој на внатрешно-политичките состојби во нашата земја во пресрет на предвремените парламентарни избори.