Коронавирусот е непредвидлив и сè уште не знаеме колку всушност може да биде опасен, посебно за младите, предупреди денес директорката на српскиот Институт за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, Верица Јовановиќ.
Според неа, пандемијата ќе може да се контролира исклучиво со приена на превентивни мерки, со контрола на најблиското опкружување, избегнување на собирање во поголеми групи и будно следење на здравствената состојба во секоја држава.
Јовановиќ вели дека за последниот пораст на бројот на заболени во Србија се одговорни младите, кои се и најбројни меѓу новозаразените, заедно со средовечните луѓе. Директорката апелира заштитните мерки без исклучок да ги применуваат хроничните болни како посебно ризична група.
Според Јовановиќ, ноќните излегувања на младите и собирањето во групи се недозволиви во оваа ситуација.
„Многу е значајно да се контролираат луѓето во најблиското опкружување и да се избегнува групирање“, вели таа и додава дека кај новите случаи доаѓа до многу брзо пренесување на вирусот, кое многу често оди без симптоми.
Во Србија денес се забележани 193 нови случаи на Ковид-19, а од почетокот на пандемијата, во земјата починаа 258 луѓе од вкупно над 13.500 заразени.