Извршен е инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина во врска со загадувањето на реката Брегалница.
„За понатамошно делување и преземање на поригорозни мерки согласно Законот за животна средина треба да ги добиеме резултатите од земените мостри од крим техника при СВР- Штип“, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Од крим техника СВР- Штип земени се три мостри за испитување од водата и се чекат резултатите за натамошно постапување. Согласно наодите од страна на ДИЖС е изречена соодветна санкциска мерка.
Од ресорното министерство потсетуваат дека на 23-ти месецов во вечерните часови е пријавено истекување на хемикалија-ЛИТЕКС С 9070 во ТИРЗ – индустриска зона – Штип.
Од страна на ДИЖС, како што се наведува, утврдено е дека истекувањето се случило при истовар на хемикалијата од цистерната, односно при пукање на цревото при што се излива во каналот за атмосферска вода кој оди дирекно во реката Брегалница.
„На 24 јуни 2020 година во 9 часот направен е увид во документацијата и констатирано е дека фирмата ТЕХНИКАЛ ТЕКСТАЈЛС ДООЕЛ поседува решение за одобрен елаборат за животна средина од општина Штип од 2015 година, во кој е утврдено дека фирмата ТЕХНИКАЛ ТЕКСТАЈЛС ДООЕЛ во технолошкиот процес нема испуштање на отпадни индустриски води, емисии во воздух и нема бучава“, се вели во соопштението.
Според ресорното Министерството, констатирано е дека истата фирма поседува решение за вршење на дејност промет на големо со хемикалии во магацински простор одобрено од Министерството за здравство од 16.08.2017 година и поседува безбедносен лист за хемикалијата LITEXS S 9070 од производителот СИНТОМЕР Германија и дека хемикалијата не е токсична.