Ден на високото образование на УКИМ

Од:

Ден на високото образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска се одбележува на платото на УКИМ каде идните студенти имаат можност да добијат информации за студиите на факултетите.

Во рамки на настанот се одржа и јавна дебата за Болоњската декларација која Македонија ја потпиша пред 10 години. Според министерот Панче Кралев, треба да се задржат предностите на Болоња, а фокусот да биде на слабостите кои некои европски земји веќе ги идентификувале и преземаат чекори за нивно надминување.

– Позитивна работа на Болоња која е препознатлив знак на самиот систем е проодноста или мобилноста што тој ја нуди, односно можноста за студирање на еден универзитет и префрлање на друг, препознавање на студските програми и предметите. Многу е важно да биде зачувана таа проодност, со цел студентите да ги користат  бенефитите во иднина. Слабостите кои се покажаа, како прашањето дали Болоња нуди доволно квалитет од аспект на стекнување знаење на студентите, тоа не треба да се отвора само во контекст на Болоња, туку постојано и од аспект на нашиот образовен систем. Реформата што ја спроведуваме во тој дел ќе ги даде своите резултати, изјави министерот Кралев, кој заедно со ректорот на УКИМ Велимир Стојковски ги посети штандовите на универзитетскиот кампус.

И Стојковски ги посочи како позитивни придобивки од Болоња можностите за проодност и мобилност за студентите и наставниот кадар.

– Се поставува прашање за одделни сегменти од Болоњската декларација, но не може да  се каже дека  Болоња е процес што воопшто не функционира, рече тој.

Според директива на Европската унија, посебни услови за студирање и за дипломирање во рамки на Болоњскиот процес важат за регулираните професии. Тие треба да бидат препознатливи и регулирани со посебен закон, за дипломираните да можат да работат во друга држава, не само во онаа каде што ја стекнале дипломата.

– Придобивка на овој систем е токму усогласување на регулираните професии, каде што спаѓаат медицината, стоматологијата, ветерината, градежништвото, на ниво на Европската унија. Со помош на овој систем и со одделени проекти се изготви рамка на квалификации, што значи дека сите студенти кои студираат по Болоњскиот систем, покрај дипломата добиваат и додаток на дипломата со кој ќе бидат препознатливи на пазарот на трудот во Европа, рече Стојковски.

Кралев очекува регулираните професии да бидат посебно дефинирани во Законот за високо образование и, како што рече, во контекст на Болоња да ја задржат мобилноста и можноста за проодност што и сега се нуди.

– Очекувам дека дел од регулираните професии во иднина ќе бидат, исто така, опфатени со некои дополнителни измени, со цел да добијат форма која ќе биде одраз на нашиот образовен систем, рече Кралев. Дел од измените, додаде тој, се вметнати во Законот и се однесуваат на правните науки, а за дел се разговара и се бара соодветно формулирање.

Денот на високото образование на УКИМ се одбележа и со претстави, концерти, изложби, спортски активности, со презентација на изуми од информатичките технологии,  експерименти, промоции.

Би можело да ве интересира

Од Македонија годишно заминуваат околу 2500 високообразувани кадри

Катерина Ѓуровски

Мицкоски најави ваучери за таблети за сите студенти во вредност од 250 евра

Министерството за образование нема да го плати долгот од осум милиони евра за студентски превоз без судска одлука

Катерина Ѓуровски

Бостонската полиција уапси 100 студенти на протестите против војната во Газа

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки