Јапонската компанија „Тојота“ соопшти дека ќе почне со производство на возилата „лексус“ во САД, и дека ќе инвестира 360 милиони долари во една од своите фабрики во америкасната држава Кентаки.
Околу 50.000 возила од марката „лексус ЕС 350“ годишно ќе се произведуваат во оваа фабрика за американскиот пазар, а се очекува дека првиот автомобил ќе излезе од производната лента во 2015 година, рече претседателот и извршен директор на „Тојота“ Акио Тојода, на вчерашната прес конференција во Њујорк.
-Благодарение на овој потег ќе се отворат 750 нови работни места во фабриката во Џорџтаун, во државата Кентаки, рече Тојода и додаде дека оваа фабрика во моментов ги произведува моделите „тојота камри“, „авалон“ и „венза“.
Тоа ќе биде прв пат луксузниот модел „лексус ЕС“ седан да се склопува надвор од Јапонија, соопшти „Тојота“, а пренесуваат француските медиуми.
„Тојота“ во 1957 година почна со делување во Северна Америја и во моментов има 14 производни постројки во САД и Канада, каде вработува речиси 39.000 лица.